Што е психотерапија, а што психолошко советување?

Грижата за своето ментално и физичко здравје е несомнено основен сегмент за одржување на субјективната добросостојба. Психолошката поддршка како формална форма на негување на менталното здравје е се по популарна и на нашите простори и да се оди на психолог веќе не е табу. Психолошкото советување и психотерапијата се психолошки услуги што се достапни за јавноста кај лиценциран психолог или психијатар кој завршил соодветна обука за психотерапија. Што всушност е психотерапијата, а што психолошкото советување? Кога ми е потребна психотерапија? Дали воопшто има разлика? Тоа се прашања кои често се поставуваат од страна на клиентите, а поставувањето на јасна граница понекогаш е тешка и за специјалистите од оваа област.

Психолошко советување е професионален облик на помагање на поединец за личен раст и развој, запознавање, ослободување, прилагодување и прифаќање на реалноста и себе си, запознавање на личните потенцијали и спротивности и ослободување од различни инхибиции. Тоа е насочено кон свесни, рационални фактори и користи методи за обработување на лични и меѓучовечки проблеми и површински делови на личноста. Психотерапијата е стручна помош за надминување на акутни проблеми во живеењето, сериозни психолошки симптоми како и личен раст и развој.

Психотерапијата е информирана и научна примена на клинички методи произлезени од воспоставени психолошки принципи со цел да им се помогне на луѓето да ги менуваат своето однесување, когниција, емоции и/или други лични карактеристики во насоки за кои тие и терапевтот мислат дека се пожелни (Американска психолошка асоцијација, 2015).

Таа вклучува методи насочени кон емоционални, потсвесни фактори на човечкиот живот, а работи и со методи насочени кон обработување психози и неврози. Нејзината цел е тесно испреплетена со психолошкото советување, таа цели кон подобро функционирање на личноста во секојдневниот живот, самостојно откривање и наоѓање решенија за своите потешкотии.

Психолошки советник е психолог/психијатар кој завршил дел од едукација за психотерапија (ниво: советник) или соодветни магистерски студии. Психотерапевт е психолог/психијатар кој завршил психотераписка едукација. Што значи терминот “советник/терапевт под супервизија” и дали може да обезбеди соодветна психолошка поддршка? Често во медиумите или биографиите на психолозите се среќавате со терминот “под супервизија” и верувам дека дел од нас се запрашуваат која е разликата и дали овој тип на психолошка поддршка е адекватна. Да, советник/терапевт под супервизија е стручно лице кое може да ви обезбеди стручна помош и е соодветно едуцирано, кое најчесто има завршено дел од психотерапевтската едукација или е при крајот на едукацијата и работи под супервизија (консултација и поддршка од искусен терапевт/ментор). Психотерапевт е психолог кој целосно завршил одреден модул на психотерапија (пример: гешталт психотерапија, когнитив бихејвиор терапија, семејна и системска психотерапија…).

Во секој случај, без разлика дали се работи за психолошко советување или психотерапија, првиот и најважниот чекор кога чувствуваме отежнато секојдневно функционирање и потреба од психолог е контактот и барањето на помош. Во договор со психологот според потребите на клиентот заеднички се договара обликот на психолошка помош и нејзиното траење со цел најефективен и најсоодветен начин за постигнување на целите на психотерапијата.

Јасмина Јонуз – магистер по советодавна психологија/КБТ и шема терапевт под супервизија

Ирена Николовска – дипломиран психолог, гешталт советник под супервизија

 APA Recognition of Psychotherapy Effectiveness Archived 29 July 2015 at the Wayback Machine Approved August 2012

Westefeld, J.S. (2009). Supervision of psychotherapy: models, issues, and recommendations. The Counseling Psychologist, 37, 296–316

Напишете коментар

Fill in your details below or click an icon to log in:

WordPress.com Logo

You are commenting using your WordPress.com account. Log Out /  Промени )

Facebook photo

You are commenting using your Facebook account. Log Out /  Промени )

Connecting to %s