Автор: м-р Јасмина Јонуз
Паничните напади се несомнено една од најчестите причини за барање на психолошка помош. Се соочувате со епизоди на забрзано срцебиење, чувство на гушење, вртоглавици, страв од смрт? Не сте единствени. За жал, речиси секојдневно клиентите бараат психолошка поддршка потикнати токму од симптомите на паничното растројство. Што всушност е паничен напад, а што растројство? Зошто кога се случува паничниот напад ги имате токму овие симптоми?

Според критериумите за дијагностицирање на МКБ-10,
основната карактеристика на паничните напади се повторливите напади на тешка вознемиреност (паника), кои не се ограничени на некоја конкретна ситуација или збир на околности и затоа се непредвидливи.
Доминантните симптоми вклучуваат:
- ненадеен почеток на палпитации
- болка во градите
- сензација на гушење
- вртоглавица
- чувствo на нереалност (деперсонализација или дереализација)
- секундарен страв од умирање, губење на контролата или полудување
Според исказите на лицата кои страдаат од панични напади еден од симптомите кои највеќе ги загрижува се сензациите на тахикардии и гушење. Често пациентите веруваат дека имаат загрозена животна состојба и повикуваат брза помош или посегнуваат по седативи, за потоа да осознаат дека причинителите се само психолошки.
Зошто токму тахикардии или гушење?
Верувам дека една од најчестите претпоставки при паничен напад е мислата дека ќе добиете срцев удар – иако можеби седите безбедно на вашиот кауч, адреналинот прави илизија како да сте во животно загрозувачка состојба. Што всушност се случува во Вашето тело? Одкако адреналинот ќе се ослободи по застрашувачката мисла, нашето тело се става во позиција на “борба или лет”, механизам кој при реални опасности ни служи како заштита. Во овој случај, не можеме да избегаме од самите себе и секако принудени сме да останеме во позиција каде што сме во улога на борба со перципираната опасност. Кога вашето тело влегува во режим на борба, тој прибегнува кон еден од најраните методи на преживување – го зголемува срцевиот ритам за да им обезбеди на мускулите и екстремитетите вишок енергија (во форма на крв) што им е потребна за да ги одржуваат предаторите. Крајниот резултат е всушност таа наша мисла дека срцето ќе ни пукне поради силните сензации кои ги чувствуваме.
Најчесто поради впечатливоста на физиолошките симптоми повеќето од засегнатите се свесни за симптомите и клиничката слика, а верувам дека она што е поинтересно за вас како читател е третманот на паничните напади.
Kако да ги надминам паничните напади?
Во зависност од клиничката слика паничните напади најчесто се третираат со медикаменти препишани од психијатар, психотерапија или нивна комбинација. Најефикасен тип на психотерапија за справување со панични напади, според Американската психолошка асоцијација, е когнитивно-бихејвиоралната терапија. При овој процес терапевтот и клиентот работат на когнитивна реконструкција на негативните автоматски мисли и когнитивни дисторзии кои го создаваат стравот. Мошне честа дисторзија кај паничните напади се катастрофирачки мисли или скокање во заклучок, клиентот веднаш помислува на најцрното сценарио односно мисли како ”имам срцев удар, ќе се угушам, ќе се онесвестам” се мошне чести, но истовремено и ирационални. Во КБТ се работи на заменување на овие мисли со поадекватни и пореалистични.
Воедно, преку постепено изложување на застрашувачките ситуации се работи и на однесувањато и навиките кои не му се потребни на клиентот и најчесто се одбегнувачки. Кај паничните напади е често и таканареченото “безбедносно однесување” каде што клиентот мора да земе некој предмет или на пример чаша вода/чоколатце за да излезе од домот. Иако навидум ова ја намалува анксиозноста, всушност на долга стаза само прави условување и ја зголемува шансата за паничен напад. Во третманот се вклучуваат и разни релаксациони техники за справување со физиолошките симптоми и емоциите кои ни ги носи паничниот напад.
Борбата со паничните напади не е лесна. Патот на прифаќање, спријателување и отпуштање на стравот е тежок, но е возможен. Доколку се соочувате со овие симптоми, побарајте помош од психијатар или психолог што побрзо. Одбегнувањето и стравот од нареден паничен напад само ја зголемува можноста за негово повторување. Илјадници луѓе секојдневно бараат помош за овие симптоми, а прогнозата за надминување на оваа состојба е навистина добра!
- Здружение Псинапсис нуди когнитивно-бихејвиорално советување, За повеќе информации јавете се на 075/597958.
Јасмина Јонуз – магистер по советодавна психологија, КБТ и шема терапевт под супервизија
Референци:
American Psychiatric Association. (2000). Diagnostic and statistical manual of mental disorders (4th ed., text rev., p. 479). Washington, D.C.: American Psychiatric Association.
Manjula, M., Kumariah, V., Prasadarao, P. S., & Raguram, R. (2009). Cognitive behavior therapy in the treatment of panic disorder. Indian journal of psychiatry, 51(2), 108–116. https://doi.org/10.4103/0019-5545.49450