Релаксациони техники – “брза помош” при дистрес

Автор: м-р Јасмина Јонуз

Живееме во една психолошка “пандемија” на анксиозност. Потребата од психолошка поддршка е се повеќе потребна и се почесто клиентите “тропаат на вратата” на психологот со цел надминување на анксиозноста. Во свет на развиена технологија и медиуми верувам дека повеќето од нас барајќи совет, имаат прочитано безброј статии за самопомош при стрес. Без разлика дали се работи за совeт од специјалист или неформална помош – една од најпрепорачуваните техники за надминување на анксиозноста често се токму релаксационите техники.

Што се релаксациони техники?

Релаксационите техники се техники за справување со ефектите кои стресот ги има на нашето тело и ум. Најчесто тие влијаат дирекно на физиолошките симптоми кои анксизноста ги предизвикува и го смируваат дишењето, забрзаното срцебиење и крвен притисок. Вообичаено, овие техники се кратки и може да ги правиме секаде. Без разлика дали се работи за паника во јавен превоз, трема при јавен настан или пак посериозен дистрес, овие техники се секогаш добредојдена “брза помош”.

Кои се најпознати релаксациони техники?

  • длабоко дишење – дефинитивно број еден техника, препорачувана од разни професионални профили за разни потреби. Длабокото дишење има повеќе варијации, на пр. дијафрагмично дишење, дишење 4-4-8, дишење со задржување на здивот итн. Најчесто овие техники се фокусираат на забавување на дишењето, а преку тоа и регулирање на крвниот притисок, како и менување на нивото на дишење од плитко дишење од градите во стомачно.
  • прогресивна мускулна релаксација – една од моите омилени техники, често употребувана во третман на анксиозни растројства. Оваа техника се фокусира на нашите мускулни групи и нивна контракција во склоп со дишењето.
  • визуелизација – како што и самото име кажува, при оваа техника визуелизираме ментални слики кои не релаксираат. Најчесто тоа се некои убави, релаксирачки места, кои ни будат сигурност и мир. За поавтентично доживување најчесто се вклучуваат и дразби од сетилата, како звуци, мириси, вкус итн.

Секако тука листата не завршува, за релаксација може да користиме и техники на “мајндфулнес” кои не насочуваат сега и овде преку нашите сетила, како и граундинг техниките. При посериозен дистрес и симптоми од спектарот на анксиозни растројства, релаксационите техники сами по себе може да не бидат доволни и потребна е целовита работа на когнитивниот и бихејвиоралниот дел од проблематиката, но во секој случај релаксационите техники се мошне полезни и еден од првите чекори во справување со анксиозност.

Панични напади – причини и третман

Автор: м-р Јасмина Јонуз

Паничните напади се несомнено една од најчестите причини за барање на психолошка помош. Се соочувате со епизоди на забрзано срцебиење, чувство на гушење, вртоглавици, страв од смрт? Не сте единствени. За жал, речиси секојдневно клиентите бараат психолошка поддршка потикнати токму од симптомите на паничното растројство. Што всушност е паничен напад, а што растројство? Зошто кога се случува паничниот напад ги имате токму овие симптоми?

Според критериумите за дијагностицирање на МКБ-10,
основната карактеристика на паничните напади се повторливите напади на тешка вознемиреност (паника), кои не се ограничени на некоја конкретна ситуација или збир на околности и затоа се непредвидливи.
Доминантните симптоми вклучуваат:

  • ненадеен почеток на палпитации
  • болка во градите
  • сензација на гушење
  • вртоглавица
  • чувствo на нереалност (деперсонализација или дереализација)
  • секундарен страв од умирање, губење на контролата или полудување

Според исказите на лицата кои страдаат од панични напади еден од симптомите кои највеќе ги загрижува се сензациите на тахикардии и гушење. Често пациентите веруваат дека имаат загрозена животна состојба и повикуваат брза помош или посегнуваат по седативи, за потоа да осознаат дека причинителите се само психолошки.

Зошто токму тахикардии или гушење?

Верувам дека една од најчестите претпоставки при паничен напад е мислата дека ќе добиете срцев удар – иако можеби седите безбедно на вашиот кауч, адреналинот прави илизија како да сте во животно загрозувачка состојба. Што всушност се случува во Вашето тело? Одкако адреналинот ќе се ослободи по застрашувачката мисла, нашето тело се става во позиција на “борба или лет”, механизам кој при реални опасности ни служи како заштита. Во овој случај, не можеме да избегаме од самите себе и секако принудени сме да останеме во позиција каде што сме во улога на борба со перципираната опасност. Кога вашето тело влегува во режим на борба, тој прибегнува кон еден од најраните методи на преживување – го зголемува срцевиот ритам за да им обезбеди на мускулите и екстремитетите вишок енергија (во форма на крв) што им е потребна за да ги одржуваат предаторите. Крајниот резултат е всушност таа наша мисла дека срцето ќе ни пукне поради силните сензации кои ги чувствуваме.

Најчесто поради впечатливоста на физиолошките симптоми повеќето од засегнатите се свесни за симптомите и клиничката слика, а верувам дека она што е поинтересно за вас како читател е третманот на паничните напади.

Kако да ги надминам паничните напади?

Во зависност од клиничката слика паничните напади најчесто се третираат со медикаменти препишани од психијатар, психотерапија или нивна комбинација. Најефикасен тип на психотерапија за справување со панични напади, според Американската психолошка асоцијација, е когнитивно-бихејвиоралната терапија. При овој процес терапевтот и клиентот работат на когнитивна реконструкција на негативните автоматски мисли и когнитивни дисторзии кои го создаваат стравот. Мошне честа дисторзија кај паничните напади се катастрофирачки мисли или скокање во заклучок, клиентот веднаш помислува на најцрното сценарио односно мисли како ”имам срцев удар, ќе се угушам, ќе се онесвестам” се мошне чести, но истовремено и ирационални. Во КБТ се работи на заменување на овие мисли со поадекватни и пореалистични.

Воедно, преку постепено изложување на застрашувачките ситуации се работи и на однесувањато и навиките кои не му се потребни на клиентот и најчесто се одбегнувачки. Кај паничните напади е често и таканареченото “безбедносно однесување” каде што клиентот мора да земе некој предмет или на пример чаша вода/чоколатце за да излезе од домот. Иако навидум ова ја намалува анксиозноста, всушност на долга стаза само прави условување и ја зголемува шансата за паничен напад. Во третманот се вклучуваат и разни релаксациони техники за справување со физиолошките симптоми и емоциите кои ни ги носи паничниот напад.

Борбата со паничните напади не е лесна. Патот на прифаќање, спријателување и отпуштање на стравот е тежок, но е возможен. Доколку се соочувате со овие симптоми, побарајте помош од психијатар или психолог што побрзо. Одбегнувањето и стравот од нареден паничен напад само ја зголемува можноста за негово повторување. Илјадници луѓе секојдневно бараат помош за овие симптоми, а прогнозата за надминување на оваа состојба е навистина добра!

  • Здружение Псинапсис нуди когнитивно-бихејвиорално советување, За повеќе информации јавете се на 075/597958.

Јасмина Јонуз – магистер по советодавна психологија, КБТ и шема терапевт под супервизија

Референци:

American Psychiatric Association. (2000). Diagnostic and statistical manual of mental disorders (4th ed., text rev., p. 479). Washington, D.C.: American Psychiatric Association.

Manjula, M., Kumariah, V., Prasadarao, P. S., & Raguram, R. (2009). Cognitive behavior therapy in the treatment of panic disorder. Indian journal of psychiatry51(2), 108–116. https://doi.org/10.4103/0019-5545.49450

Емоции во време на криза – важност и функции

Автор: Јасмина Јонуз

See the source image

Се наоѓаме во период кој е кризен и предизвикувачки. Пандемијата е период кој е нов за секој од нас и сите ние за првпат учиме како да се справуваме со дистресот и загубите кој тој ги носи. Во време во кое се компромитирани нашите базични потреби како сигурност, припадност, самоактуелзизација – дистресот и негативните емоции се сосема очекувани. Голем број од нас поминуваат низ низа на емоции, загриженост, чувство на губење на контролата, па дури и “фрлање на работа” и пренатрупаност со обврски. Овие однесувања се чести и очекувани реакции на периодот низ кои поминуваме. Која е функцијата на сите овие емоции и искуства кои ги доживуваме? Како да бидам “позитивен/на?” Од друга страна, колкав степен на оптимизам е рационален?Тоа се чести прашања кои ги слушаме или си ги поставуваме. Менаџирањето на анксиозноста од една страна, како и оптимизмот и позитивните искуства од друга се важни постулати во сета оваа криза.

Кога зборуваме за емоциите од особена важност е и дискусијата, дали всушност постои нешто како позитивни и негативни емоции? Секако, лаички ние милуваме да ги групираме емоциите како позитивни и негативни, но од голема важност е и препознавање на функцијата и важноста која сите тие ја имаат за нас. Емоциите се природен дел од секој од нас, тие се појавуваат во субкортикални области како амигдала и вентромедиалниот префронтален дел од нашиот мозок. Тие се кодирани во нашето DNA, одговорни се за продуцирање биохемиски реакции.​ Се верува дека емоциите се развиле како начин кој ни помага за брза реакција на различни средински опасности. ​Емоциите ни овозможуваат силна индикација дека нешто не е во е ред или дека нашата безбедност е компромитирана (Шварц и Клор, 1996)​.

See the source image

Како емоциите ни помагаат и кој бенефит го имаме од нив? Едно од гледиштата е овој интересен преглед на начините на кои емоциите ни “користат”:

  • Учење и увиди – слушање на сигналите кои нашето тело ни ги нуди и градење на свое персонално знаење за нивната намена​
  • Изразување – негативните емоции не учат да се изразиме и да ги прифатиме. Се работи за зголемување на нашето прифаќање на нашите инстикти и реакции, и овозможување на нивно манифестирање без блокада​
  • Прифаќање – по изразувањето следи и прифаќањето на емоциите и “здружување” со тој дел од нашата личност и начинот на кои ние функционираме како човечко битие.​
  • Менување на гледиштето (“reframe”) – следен чекор по свесноста и прифаќањето на овие емоции е, реконструирање негативните мисли и бихејвиоралните одговори кои не ни користат​
  • Среќа и добросостојба – процеси на групирање на негативните искуства со позитивните. Иако најчесто ние се сеќаваме и фокусираме на негативните искуства, корисно за нас по прифаќањето и зголемување на свесноста, е нивно поврзување со позитивните емоции со цел избегнување на руминација и анксиозност. Еден начин е фокусирање кон позитивни искуства и користење на нашите силни страни​
  • Опсервација – набљудувајте ги емоциите без да ги игнорирате, потиснувате или максимизирате. Користете “мајндфулнес” за зголемување на фокусот – што всушност овие емоции значат за вас и вашето тело.​

Емоциите постојат со причина и тие имаат заштитна функција. Воедно, лаички кажано, ‘негативните’ емоции ни даваат увид на контрастот со искуствата кои ги имаме со позитивните емоции. Зарем светот би бил ист без оваа разноликост?​ Го замислуваме ли животот без стравот кој не штити од опасности или гневот кој ни дава можност да ги разрешиме проблемите, или пак тагата која не поврзува со оние кои се околу нас? Емоциите се тука со еволуциска цел, не мотивираат да постапуваме на начини кои ќе ги зголемат нашите шанси за преживување, а воедно и на личен раст и развој. Наше е да ги прифатиме, да ја зголемиме свесноста за нив и да се фокусираме кон она што е во наша контрола и можеме да го смениме.

Јасмина Јонуз – магистер по советодавна психологија, КБТ и шема терапевт под супервизија

Што е психотерапија, а што психолошко советување?

Грижата за своето ментално и физичко здравје е несомнено основен сегмент за одржување на субјективната добросостојба. Психолошката поддршка како формална форма на негување на менталното здравје е се по популарна и на нашите простори и да се оди на психолог веќе не е табу. Психолошкото советување и психотерапијата се психолошки услуги што се достапни за јавноста кај лиценциран психолог или психијатар кој завршил соодветна обука за психотерапија. Што всушност е психотерапијата, а што психолошкото советување? Кога ми е потребна психотерапија? Дали воопшто има разлика? Тоа се прашања кои често се поставуваат од страна на клиентите, а поставувањето на јасна граница понекогаш е тешка и за специјалистите од оваа област.

Психолошко советување е професионален облик на помагање на поединец за личен раст и развој, запознавање, ослободување, прилагодување и прифаќање на реалноста и себе си, запознавање на личните потенцијали и спротивности и ослободување од различни инхибиции. Тоа е насочено кон свесни, рационални фактори и користи методи за обработување на лични и меѓучовечки проблеми и површински делови на личноста. Психотерапијата е стручна помош за надминување на акутни проблеми во живеењето, сериозни психолошки симптоми како и личен раст и развој.

Психотерапијата е информирана и научна примена на клинички методи произлезени од воспоставени психолошки принципи со цел да им се помогне на луѓето да ги менуваат своето однесување, когниција, емоции и/или други лични карактеристики во насоки за кои тие и терапевтот мислат дека се пожелни (Американска психолошка асоцијација, 2015).

Таа вклучува методи насочени кон емоционални, потсвесни фактори на човечкиот живот, а работи и со методи насочени кон обработување психози и неврози. Нејзината цел е тесно испреплетена со психолошкото советување, таа цели кон подобро функционирање на личноста во секојдневниот живот, самостојно откривање и наоѓање решенија за своите потешкотии.

Психолошки советник е психолог/психијатар кој завршил дел од едукација за психотерапија (ниво: советник) или соодветни магистерски студии. Психотерапевт е психолог/психијатар кој завршил психотераписка едукација. Што значи терминот “советник/терапевт под супервизија” и дали може да обезбеди соодветна психолошка поддршка? Често во медиумите или биографиите на психолозите се среќавате со терминот “под супервизија” и верувам дека дел од нас се запрашуваат која е разликата и дали овој тип на психолошка поддршка е адекватна. Да, советник/терапевт под супервизија е стручно лице кое може да ви обезбеди стручна помош и е соодветно едуцирано, кое најчесто има завршено дел од психотерапевтската едукација или е при крајот на едукацијата и работи под супервизија (консултација и поддршка од искусен терапевт/ментор). Психотерапевт е психолог кој целосно завршил одреден модул на психотерапија (пример: гешталт психотерапија, когнитив бихејвиор терапија, семејна и системска психотерапија…).

Во секој случај, без разлика дали се работи за психолошко советување или психотерапија, првиот и најважниот чекор кога чувствуваме отежнато секојдневно функционирање и потреба од психолог е контактот и барањето на помош. Во договор со психологот според потребите на клиентот заеднички се договара обликот на психолошка помош и нејзиното траење со цел најефективен и најсоодветен начин за постигнување на целите на психотерапијата.

Јасмина Јонуз – магистер по советодавна психологија/КБТ и шема терапевт под супервизија

Ирена Николовска – дипломиран психолог, гешталт советник под супервизија

 APA Recognition of Psychotherapy Effectiveness Archived 29 July 2015 at the Wayback Machine Approved August 2012

Westefeld, J.S. (2009). Supervision of psychotherapy: models, issues, and recommendations. The Counseling Psychologist, 37, 296–316

Што е аутизам?

Аутизам, или нарушување на спектарот на аутизмот (АСД), се однесува на широк спектар на состојби што се карактеризираат со предизвици со социјални вештини, повторливи однесувања, говор и невербална комуникација. АСД може да биде помал проблем или инвалидитет за кој е потребна целосна нега во специјална установа.

Луѓето со аутизам имаат потешкотии со комуникацијата. Тие имаат проблем да разберат што мислат и чувствуваат другите луѓе. Ова им го отежнува нивното изразување, или со зборови или преку гестови, изрази на лицето и допир. Луѓето со аутизам може да имаат предизвици со учењето. Нивните вештини може да се развиваат нерамномерно. На пример, тие би можеле да имаат потешкотии да комуницираат, но невообичаено се добри во уметноста, музиката, математиката или меморијата. Поради ова, тие би можеле особено добро да поминуваат на тестовите за анализа или решавање на проблеми.

Од каде потекнува аутизмот?

Аутизмот потекнува од грчкиот збор „авто“, што значи „јас“. Опишува услови во кои лицето е изолирано од социјална интеракција.

Во 1940-тите години, истражувачите во Соединетите Држави започнаа да користат „аутизам“ за да ги опишат децата со емотивни или социјални проблеми. Лео Канер, доктор од универзитетот Џон Хопкинс, го искористи за да го опише повлеченото однесување на неколку деца што ги проучувал. Во исто време, Ханс Аспергер, научник во Германија, идентификуваше слична состојба која сега се нарекува Аспергеров синдром.

Кои се симптомите на аутизам, како да се препознае?

Вообичаени симптоми на аутизам вклучуваат:

  • Недостаток на контакт со очите
  • Тесен опсег на интереси или интензивен интерес за одредени теми
  • Прават нешто одново и одново, како на пример повторуваат зборови или фрази, сакаат да се клатат напред и назад или да трепкаат многу брзо
  • Висока чувствителност на звуци, допири, мириси или глетки кои изгледаат обични за другите луѓе
  • Не ги гледаат или ги слушаат други луѓе
  • Не ги гледат работите кога друго лице ќе посочи на нив
  • Не сакаат да се допираат или да се гушкаат
  • Имаат проблеми во разбирањето или користењето говор, гестови, изрази на лицето или тонот на гласот
  • Зборуваат со рамен или роботски глас
  • Неприлагодливост на промените во рутината

Некои деца со аутизам исто така може да имаат напади. Тие може да не започнат сè до адолесценцијата.

Видови на аутизам

За овие типови некогаш се сметаше дека не се посебни состојби, но сега, тие спаѓаат под опсегот на нарушувања на спектарот на аутизмот. Тие вклучуваат:

  • Аспергеров синдром – Овие деца немаат проблем со јазикот; всушност, тие имаат тенденција да постигнат просечен или надпросечен опсег на тестови за интелигенција. Но, тие имаат социјални проблеми и тесен опсег на интереси.
  • Аутистично нарушување – Ова е она за што размислуваат повеќето луѓе кога ќе го слушнат зборот „аутизам“. Се однесува на проблеми со социјални интеракции, комуникација и игра кај деца помлади од 3 години.
  • Детско дезинтегративно нарушување – Овие деца имаат типичен развој најмалку 2 години и потоа губат поголем дел од своите комуникациски и социјални вештини.
  • Первазивно нарушување на развојот (ПДД или атипичен аутизам) – Вашиот доктор може да го користи овој термин ако вашето дете има одредено аутистично однесување, како доцнење во социјалните и комуникациските вештини, но не спаѓа во друга категорија.

Причиители за појава на аутизам

 Зошто се појавува аутизам се’ уште не е јасно. Може да произлезе од проблеми во делови од мозокот кои интерпретираат сензорен влез и процесирање на јазик. Аутизмот е четири пати почест кај момчињата отколку кај девојчињата. Може да се случи кај луѓе од која било раса, етничка припадност или социјална позадина. Приходот на семејството, начинот на живот или образованието не влијаат на ризикот на детето од аутизам. Аутизмот се јавува кај семејствата, така што одредени комбинации на гени може да го зголемат ризикот на детето. Дете со постар родител има поголем ризик од аутизам.

Ако бремената жена е изложена на одредени лекови или хемикалии, како алкохол или лекови за смирување, кај нејзиното дете поголема е веројатноста да се јави аутизам. Други фактори на ризик вклучуваат метаболички состојби кај мајките како што се дијабетес и дебелина. Истражувањата, исто така, го поврзаа аутизмот со нетретирана фенилкетонурија (исто така наречена PKU, метаболичко нарушување предизвикано од отсуство на ензим) и рубеола (германски сипаници).

Нема докази дека вакцинациите предизвикуваат аутизам.

Скрининг за аутизам и дијагностицирање

Може да биде тешко да се добие дефинитивна дијагноза на аутизам. Вашиот лекар ќе се фокусира на однесување и развој. За деца дијагнозата вообичаено е составена од два чекори. Скринингот за развој ќе му каже на вашиот лекар дали вашето дете е на добар пат со основни вештини како што се учење, зборување, однесување и движење. Експертите сугерираат дека децата треба да бидат испитани за овие одложувања во развојот при редовни прегледи на возраст од 9 месеци, 18 месеци и 24 или 30 месеци. Децата се прегледуваат специјално за аутизам на нивните 18-месечни и 24-месечни прегледи.

Ако вашето дете покаже знаци на проблем на овие скрининг тестови, ќе им биде потребна  поцелосна проценка. Ова може да вклучува тестови за слух и визија или генетски тестови. Вашиот лекар можеби ќе сака да донесе некој кој е специјализиран за нарушувања на аутизмот, како педијатар за развој или психолог за деца. Некои психолози можат да дадат и тест наречен Распоред за дијагностичко набудување на аутизмот (АДОС).

Ако не сте дијагностицирале со аутизам како дете, но забележите дека покажувате знаци или симптоми, разговарајте со вашиот лекар.

Третман со аутизам

Нема лек за аутизам. Но, раниот третман може да направи голема разлика во развојот кај дете со аутизам. Ако мислите дека вашето дете покажува симптоми на АСН, кажете му на вашиот лекар што е можно поскоро.

Она што работи за едно лице не може да работи за друго. Вашиот лекар треба да прилагоди третман за вас или вашето дете. Двата главни типа на третмани се:

Бихејвиорална и комуникациска терапија да помогне во структурата и организацијата. Применета анализа на однесување (АБА) е една од овие третмани; промовира позитивно однесување и го обесхрабрува негативното однесување. Стручна терапија може да помогне со животните вештини како облекување, јадење и поврзаност со луѓето. Терапијата за сензорна интеграција може да му помогне на некој што има проблеми со допирање или со знаменитости или звуци. Говорна терапија ги подобрува комуникациските вештини.

Лекови кои помагаат при симптоми на АСН, како проблеми со внимание, хиперактивност или вознемиреност.

Разговарајте со вашиот лекар пред да пробате нешто поразлично, како специјална диета.

Ирена Николовска – дипломиран психолог, гешталт советник под супервизија

https://www.webmd.com/brain/autism/understanding-autism-basics?fbclid=IwAR1MM7Ype7H8MDgcuRanB22VX6OGmqBFVewjcmbAcu-s-0MHqUxQaKdmRRY