Со #ЗдравиНавики до грижа за менталното здравје

Соочени со бројни предизвици во време на пандемијата, младите од Општинска Организација на Црвен Крст Гази Баба покренаа иницијатива за кампања за здрави навики, преку која на младите ќе им се пружат еден вид на насоки за тоа на кој начин можат да се грижат за себе и за своето здравје во овој период. Од оваа иницијатива произлезе и соработка со тимот на лиценцирани психолози на Псинапсис во делот од кампањата посветен на грижа за менталното здравје. 

За да ја разбереме подобро целната група, беше изработена анкета наменета за идентификување на нивните најголеми предизвици во овој период. Од нивните одговори произлезе дека младите во голема мера се соочуваат со чувство на пасивност и намалена мотивација и имаат потешкотии да се справат со интензивните чувства на страв и неизвесност кои ги носи оваа ситуација. Дополнително, голем предизвик им претставува неможноста да излегуваат и да се дружат со своите врсници. Покрај тоа, дел од нив изјавија и дека овој период го користат продуктивно во однос на посветување на време на себе и работа на себе како личност.

Оттука, нашиот тим одлучи да одговори преку серија од три кратки видеа во кои се обидовме да ги опфатиме главните теми кои се за нив актуелни. 

Во првото видео Александра Панчевска – лиценциран психолог и гештелт терапевт под супервизија, зборува за состојбата на пасивност и намалена иницијативност која ја искусуваат младите, пропратена со чекање нештата да се вратат во нормала. Во своето излагање, таа го објаснува овој начин на функционирање како одговор на ситуацијата којашто е наметната од надвор, но се осврнува и на потенцијалот кој младите го имаат во себе и кој им е на располагање. 

Потенцијалот на младите во кризни периоди – Александра Панчевска

Во продолжение, Јасмина Јонуз – лиценциран психолог, КБТ и шема терапевт под супервизија, се осврнува повеќе на потребата за социјализација и поврзување, која што е во голема мера загрозена за сите во овој период, а претставува особен предизвик и недостаток за младите за кои дружењето со врсниците е една од најважните работи во овој период од нивниот живот. Во овој контекст, таа нуди предлози за алтернативни начини на задоволување на оваа потреба, без да се доведе во ризик нивното здравје. 

Блискост во време на пандемија – Јасмина Јонуз

Како заокружување на серијата видеа, Ирена Николовска – лиценциран психолог и гешталт советник под супервизија, акцентот го става на емотивните реакции кои често знаат да бидат преплавувачки, и кои, доколку не се изразат на соодветен начин, на подолг рок може да предизвикаат дополнителни потешкотии и последици по менталното здравје. Таа предлага повеќе различни стратегии и активности преку кои младите можат да се погрижат за себе, да го изразат тоа што го чувствуваат и да ја одржат својата мотивација во овој предизвикувачки период.

Мотивација во тек на пандемија – Ирена Николовска

Доколку чувствувате потреба од дополнителна поддршка и стручна психолошка помош, тимот на Псинапсис нуди психолошко советување и психотерапија. 

За повеќе информации исконтактирајте не: 
072 535 977 – Александра Панчевска
075 597 958 – Јасмина Јонуз 

Потенцијалот на младите во кризни периоди

Ако го гледаш ова видео претпоставувам дека спаѓаш во некоја група на млади возрасни, коишто не се толку млади за да не разбираат што се случува околу нив, а ни толку возрасни за да ги имаат решено сите важни животни прашања.

Овој период е многу важен за секој млад човек, и сам по себе прилично предизвикувачки и тогаш кога нема некои особени потешкотии или пречки. А сега дополнително се случува пандемијата, која што за вас се погоди да биде во овој период, и која ни го поремети вообичаениот тек на животот на сите. И, покрај опасноста од вирусот, стравот и загриженоста околу тоа, голем дел од вообичаените активности кои еден млад човек ги има ни се оневозможени. 

Генерално, работите што ги сакаме прават да се енергизираме за да тргнеме во акција и да ги направиме или земеме. А во случајов, како што кажав, многу од работите што вие младите ги сакате ви се забранети со рестриктивните мерки. И целата таа енергија што ја имате треба некако да ја блокирате или да ја пренасочите за да ја испочитувате забраната. Тука настанува една борба со сам себе, која што троши многу енергија и е идеална основа за појава на замор, депресивно расположение, намалена иницијативност, губење на интерес за многу работи што претходно ви биле интересни. 

Тука има и една друга работа што често се случува кај младите. Кога ова ви е ускратено разбирливо е еден дел од вас, мислам на дел од тебе како личност, да се чувствува обесправено, како ова да не е фер. И не е. Сигурно си имал и некоја идеја како ќе ти се одвива сегашноста и барем делумно иднината. И јас имав, сите имаа. 

И можеби си мислиш: „Да не беше ова сега ќе бев таму и таму, со тие и тие, ќе правев тоа и тоа…“ Ама чувството е како некој да дошол, или нешто, да го наречеме животот, и да ти зел нешто што било твое, и што ти следува. Не е фер, нели? И претпоставувам дека дел од тебе се лути и се бунтува, и сака да се врати назад тоа што било. „Тој што го зел, тој треба да го врати, а јас ќе чекам. “

Тие што се чувствувате во моментов така, сосема ве разбирам. 

Но имам една лоша вест за вас – тоа нема да се случи. 

На тој – животот, ама баш му е гајле ако јас или ти мислиме дека ова не е фер. Тој си ја гледа својата работа, си тече. 

Никој нема да дојде и да ти каже: „Еј навистина не е фер ова кон тебе, еве ти враќам тоа што ти земав, повели твоето минато, што добро си го познаваш, во коешто одлично се снаоѓаш.“

Па дури и да се случи такво чудо утре да го снема вирусот, пак нема работите да бидат исти како претходно. Многу работи се веќе сменети, многу животи се сменети, а секоја промена си носи со себе нови промени, така што овој процес на ланчано поврзани промени секако не може да се врати назад. 

Но имам и многу добра вест за вас, а тоа е дека сте млади и дека веројатно го имате најголемиот потенцијал што еден човек може да го има. А покрај тоа имате и безброј можности пред вас, а тоа е најубавата комбинација – многу можности и многу потенцијал, која што можам да кажам дека е „луксуз“ на младоста. И најубавото нешто во сето ова е што имаш избор! Ако мислиш дека немаш можности и немаш избор, тоа не е точно. Може само да не ги гледаш. Но ако погледнеш и побараш, верувај дека ќе најдеш многу.

И ако во тебе постои оној, да го наречам „пасивен“ дел што го опишав пред малку, постои и еден друг дел, спротивен на него. Еден дел што е мотивиран, што е полн со енергија, што презема иницијативи, што знае што сака, или бар знае дека сака нешто, и не се запира да тргне кон тоа. Сигурно го имаш, сите го имаме. Кај некој е поизразен кај некој помалку, но сите го имаме. Па сега би сакала да се обратам на тој дел од тебе, без разлика дали е малечок, стуткан, заспан, или активен и во акција. Пронајди го, и сакам да те прашам… 

Ако го земеме во предвид тоа што ти се случува во моментов, зборувам за некој временски период од сегашноста, да речеме од последната промена во твојот живот; и ако ги земеш во предвид, не работите што ти се случуваат, туку твојот одговор на нив – твојот пристап кон случувањата, твоите мисли, однесување, активност, твојот став кон нештата; и, хипотетички, ако замислиш дека тоа ќе продолжи да биде така, непроменето, во наредните 6 месеци…

Како ти се допаѓа таа идеја? 

Што мислиш дека ќе се случи ако 6 месеци продолжиш вака?

Што ќе се случи после 1 година? После 2? После 5? 

Што чувствуваш кога помислуваш на ова? Си мислиш: „Леле да, едвај чекам!“ или „Ауу не! Не го сакам ова.“?

Имаш избор.

Имаш право да избереш за себе, и имаш одговорност за својот избор. 

Ако не ти се допадна тоа што го замисли, имаш избор да не одиш во таа насока. Сега можеби си велиш: „Па добро, не ми се допаѓа ова на долг рок, ама сега ми е добро.“ Во ред. Само размисли како ќе знаеш кога е доволно. Што е тоа што ќе ти биде знак, или показател дека „до тука е добро, после веќе станува лошо.“? Каде ја ставаш границата? Како ќе знаеш дека си ја преминал и дека сакаш нешто да промениш? 

И неправењето ништо е избор. И пасивното чекање на подобри времиња е избор. 

Но избор е и да излезеш од конфорната зона.Тоа често изгледа како што вели поговорката: два чекори напред еден назад. Понекогаш се 5 чекори напред, 4 назад. И тоа е ок. 

Излези од конфор зоната и барај го она што го сакаш! Вложувај во себе! Ако немаш насока, барај насока! Ако немаш мотивација, побарај мотивација! Барај опции, исполни си го животот со искуства! Такви какви што ти се достапни во моментот. 

Изборот е твој. Времето е сега. 

Автор: Александра Панчевска – психолог, гешталт терапевт под супервизија

Да се биде присутен кога „сега и овде“ е непријатно

Сигурна сум дека секој од нас го има искусено она чувство на „летање со паметот“ и „исклучување“ од моменталната ситуација, кога за момент толку се насочуваме кон она што се случува во нашите мисли, што речиси и да не забележуваме воопшто што се случува околу нас. Ова е особено често кога нешто ни е досадно или правиме некоја активност по илјадити пат, за која веќе не ни е потребен свесен напор.

Нешто слично на ваквото „исклучување“ се случува и кога се наоѓаме во ситуација која ни е екстремно непријатна или неподнослива, како одбранбен механизам кој ни овозможува да ја издржиме т.е. преживееме таа ситуација. Ваков одбранбен механизам се активира и кога нашата емотивна реакција на одредена ситуација е премногу силна или преплавувачка, па незнаејќи дали ќе можеме да се справиме со сопствените емоции – се „исклучуваме“, односно на некој начин го прекинуваме контактот со нив преку потиснување, избегнување или обиди за „анестезирање“ на болката.

Користењето на овие одбранбени механизми е во ред, и понекогаш, барем на краток рок, придонесува кон чувство на олеснување. Впрочем, затоа и како луѓе имаме способност да ги користиме. Но важно е да се напомене дека со тоа што го потиснуваме, игнорираме, дефлектираме, анестезираме или негираме чувството – тоа не престанува да постои. Тоа е тука, надвор од свесноста такво какво што е, а на подолг рок често може да се манифестира на најразлични начини – тегоби, анксиозност, главоболки, иритабилност, емотивна напнатост… Поради тоа и оној совет: „Ај не се нервирај“ не функционира во 90% од случаите. 

Друг проблем настанува кога ваквото функционирање преминува во навика, па го користиме и тогаш кога реално не е толку потребно; и во ситуации кои не се баш неподносливи; и со емоции кои, иако се непријатни, би можеле да ги издржиме. А додека сме „исклучени“ од овие ситуации – ги пропуштаме и оние убавите. 

Да се биде „сега и овде“ значи да си дозволиме да го почувствуваме тоа што го чувствуваме, дури и ако е непријатно. Во ред е да се биде и тажен, и исплашен, и нерасположен, и лут во дадена ситуација. Ако е нешто надвор тажно, реакцијата е тага, ако е нешто весело реакцијата е радост. Всушност, секоја емоција има своја функција, а нејзиното изразување има свој тек. На пример, тагата го одмара организмот кога ќе искуси одредена загуба или драстична промена, стравот има заштитна функција, а лутината служи за организмот да се одбрани, да „уништи“ некоја пречка или да воспостави подобар контакт со другиот.

Ако ја доживееме емоцијата како таква и си дозволиме да ја изразиме, таа ќе помине. Или ќе не води кон некое дејство, некоја активност, а потоа ќе помине. Се додека се обидуваме да ја избегнеме, да ја потиснеме или да се бориме против неа („нема да бидам тажна сега“, „нема да се нервирам“), ниту емоцијата ќе исчезне, ниту причината за нјзиното јавување. На тој начин всушност, покрај тоа што ја блокираме енергијата што емоцијата природно ја носи, употребуваме уште толку енергија во спротивна насока за да ја потиснеме. Па оттаму доаѓа и чувство на умор и недостаток на енергија или пак напнатост, најчесто без свесност за причината за ова и за внатрешната борба со самиот себе

Свесноста и целосното доживување на сегашниот момент е корисно од неколку причини. Покрај тоа што тоа е прв чекор кон деблокираање на животната енергија и кон автентично себе-изразување, многу често напнатоста што ја чувствуваме не е резултат на она што вистински се случува сега и овде. Па така, кога личноста реагира на некои мисли и застрашувачки сценарија кои самата ги создава, а кои можеби и не се реални и никогаш нема да се случат, свесноста за сега и овде овозможува еден вид на „проверка на реалноста“, враќање кон себе, центрирање и приземјување, кое често делува смирувачки. 

Но, и во случаи кога реалната ситуација е вистински непријатна и болна, насочувањето на вниманието кон сензациите и чувствувањето на болката како болка, без заглавување во дополнителни мисли околу тоа, претставува помало страдање отколку кога на болката и` се додаваат мисли кои не придонесуваат кон решавање на проблемот.

Постојат повеќе начини и техники за појачување на контактот со сегашниот момент. Еден од нив е преку техниките на „мајндфулнес”, односно свесно насочување на вниманието кон дишењето, телесните сензации и стимулусите кои доаѓаат од околината. 

Автор:

Александра Панчевска – психолог, гешталт терапевт под супервизија

Интроверти и екстроверти во изолација

Добро е познато дека интровертите не преферираат премногу социјални контакти и уживаат кога поминуваат време сами. Па така, во време кога социјалното дистанцирање е потребно и неопходно, дел од нив и не мораат да сменат речиси ништо во својот животен стил, или пак наоѓаат сатисфакција во ваквиот „нов“ начин на функционирање. Од друга страна пак, екстровертите, кои имаат почесто потреба од контакти со други луѓе, доживуваат сериозен недостаток на ова поле. 

Но, ајде да видиме што точно значи да се биде интроверт или екстроверт. Кога Јунг за прв пат ја направл оваа поделба, тоа го опишал како два типови на личности кои имаат заеднички карактеристики. Тоа не значи дека тоа се ригидни категории кои немаат никаква поврзаност една со друга. Всушност, еден важен аспект од оваа теорија е тоа што кај секоја личност постои и интровертен и екстровертен дел. Кај поголемиот дел од луѓето едниот од овие поларитети е доминантен, односно имаат природна и вродена тенденција кон таков начин на функционирање. Оттаму и поделбата на интроверти и екстроверти. Но, на секој нас му се потребни и двата аспекти за да функционира избалансирано. Секој од нас понекогаш се однесува екстровертно а понекогаш интровертно. Всушност, луѓето искусуваат психолошки потешкотии доколку се „заглават“ само во едниот поларитет, т.е. начин на функционирање, или доколку се однесуваат спротивно на својата природа. 

Од времето на Јунг овие концепти се многу дикутирани и популаризирани, што поттикнува понатамошни истражувања на човековата природа, како и љубопитност кај луѓето за да се спознаат себе си. Но од друга страна, се појавија и многу митови и помалку точни концепции околу нив, кои веројатно произлегуваат од погрешни или нецелосни информации. Дел од тие општо познати митови се мислењето дека интровертите се срамежливи, повлечени и несигурни, а дека екстровертите се покомпетентни во социјани интеракции или дека не можат да бидат сами. Додека овие карактеристики можеби се преклопуваат во некои случаи, вакво генерализирање не е оправдано ниту научно поддржано. 

Вистината е дека секое однесување и манифестирање на одредена карактеристика е условено како од личноста, така и од срединските фактори. Па така, како што секој човек реагира различно на дадена ситуација, секој има потреба од различни услови за да ги искористи максимално своите потенцијали. Интровертите вообичаено прво ги собираат информациите кои доаѓаат од околината, ги анализираат и го формираат своето мислење, па потоа го искажуваат својот став. Поради овој начин на функционирање, тие често имаат потреба да ги ограничат дразбите кои доаѓаат од надвор и им треба време за да го осмислат и структуррираат она што имаат да го кажат. Следствено на тоа, тие се полнат со енергија и се попродуктивни кога работат самостојно или кога разговараат со една личност на некоја подлабока тема. Спротивно на нив, екстровертите поуспешно ги разгледуваат проблемите/пашањата додека се во интеракција со некој друг. Тие размислуваат додека зборуваат, најчесто се првите кои се вклучуваат во групна дискусија и имаат потреба од почести/постојани контакти со други луѓе.

Во време на изолација, кога сме повикани да останеме дома и да ги ограничиме социјалните контакти, на некој начин интровертите се наоѓаат на свој терен. Предноста е во тоа што тие помалку го чувствуваат осамувањето како наметнато, чувствуваат помал притисок за социјализирање во група и полесно им е да си создадат услови и да пронајдат активности соодветни на нивниот темперамент. На екстровертите пак, во поголема мера им недостигаат социјални интеракции и „гужви“, па покрај нелагодноста од тој недостиг, поголема е и веројатноста да се чувствуваат принудени да прават нешто што не е нивен избор. Ова може да создаде фрустрација, како и внатрешен конфликт помеѓу: „сакам да се дружам во група“ и „сакам да се однесувам совесно и да се заштитам“. Самото справување со ваквата ситуација бара многу енергија – енергија која истовремено не може да се искористи за нешто друго. Сепак, ова може да биде и можност за екстровертите да го извадат на површина и истражат својот интровертен дел – да ја откријат убавината на самувањето, на времето поминато тивко, бавно, посветено на себе или на некое свое старо-ново хоби. Со откривањето и повторното идентификувње со некој „подзаборавен“ дел од себе се реактивира и потенцијал кој можеби бил „подзаборавен“, привремено занемарен или потиснат.

Во секој случај, ваквата принудна изолација е нова и непријатна ситуација за сите, особено кога е продолжена и кога не е извесно уште колку време ќе трае. Притоа, нормално е да се јават и стравови, со оглед на тоа што многу човечки потреби се загрозени – почнувајќи од потребата за безбедност, сигурност, потребата за припадност, социјални контакти и блискост, па и обезбедување егзистенција. Добрата вест во сето ова е дека човекот има неверојатни природни капацитети за адаптација и справување со вакви потешкотии. Сега е време да го активираме својот креативен потенцијал за конструктивно справување со оваа новонастаната ситуација. Еден начин е пронаоѓање на алтернативни начини за задоволување на нашите потреби. 

Ограничувањето на личните контакти со цел да се намали можноста за ширење на вирусот во никој случај не значи дека и релациите треба да се стават на пауза. Социјалното дистанцирање е всушност физичко дистанцирање, не е затвор и забрана за конекција. Ние имаме среќа да живееме во ера на информациски технологии кои овозможувават брза размена на информации и лесна и брза комуникација. Ваквата комуникација секако не може да го замени личниот контакт човек со човек, очи со очи, кожа со кожа. Сепак, сметам дека во ова време е прифатлива алтернатива на целосна изолација од една страна или ризик по здравјето од друга. Покрај тоа, постојат и многу „офлајн“ активности кои сеуште можеме да ги правиме надвор од интернет просторот, сами или со најблиските. Останува на секој од нас да ги пронајде оние кои се во согласност со неговата природа, желби и потреби. Во услови кога дел од ресурсите и изборите ни се ограничени, корисно е фокусот да го насочиме кон она што ни е достапно, кон она што можеме да го правиме и што е во рамки на наша контрола. Притоа, важно е да не заборавиме дека ова не е трајна состојба, туку привремено решение на поголем проблем. 

А кога овој проблем ќе заврши и опасноста ќе помине, верувам дека сите ќе се видиме на журка – и екстровертите и интровертите. За интровертите веројатно тоа ќе биде доволно за следните шест месеци 🙂 

До тогаш, чувајте се, поврзувајте се и останете со здравје!

Автор:

Александра Панчевска – лиценциран психолог, гешталт терапевт под супервизија