Што се случува при посета на психолог? Насоки со м-р Јасмина Јонуз

Да се побара психолог веќе не е табу и на глобално ниво постојат се повеќе можности и варијации на психолошките сервиси кои ги прави достапни за секој. Доколку сте еден од оние што се мотивирани да побараат психолошка помош, но имаат мала недоумица каде да го направат тоа, не сте сами. Дали ми е потребен терапевт, советник или психијатар? Дали од една сеанса ќе ми биде подобро? Тоа се чести прашања со кои клиентите се соочуваат.

Од каде да почнете?
Сум среќавала клиенти, особено при работата во поликлиниката кои ми велат, “не знам дали сум на правото место, дали ми треба психијатар или психолог?”. Прашањето е сосема нормално и очекувано, бидејќи сето тоа изгледаше збунувачки дури и за нас кога почнувавме со студиите. Одговорот е, нема да згрешите без разлика дали ќе побарате помош од психијатар или психолог, битно е да започнете и да побарате помош, а потоа тие ќе знаат дали треба да Ве препратат. Чести се клиентите кои со самопроценка не чувствуваат огромен дистрес и своеволно започнуваат со посета на психолог, но исто така се случува и психологот да процени дека можеби се работи за дијагноза каде што е потребна проценка од психијатар. Често се случува и обратниот процес, психијатрот проценува дека комбинираниот третман е најдобар, па и покрај препишаните медикаменти, пациентот го праќа на психотерапија кај терапевт.

Што да очекувам на првата сеанса?
Зависно од терапевтскиот пристап, варира и содржината, но верувам дека она што е универзално е иницијалното интервју. Тоа најчесто е полуструктурирано и со терапевтот зборувате за разни сфери од Вашиот живот – демографски податоци, семејството, професијата, проблематиката која носи на терапија. Целта е да се соберат што повеќе информации, но воедно и да се започне со креираење на една база и доверлива врска помеѓу советникот/терапрвтот и клиентот. На првата сеанса се запознавате со правилата на терапевтскиот процес, а воедно и започнувате со креирање на целите на терапевтскиот процес.

Колку трае процесот?
Препуштете се на заедничката уметност и Вашите потреби. Се случува клиентите да очекуваат сите проблеми да се решат на првата сеанса или пак терапевтот“да ги прочита”. Тоа не го осудувам и сосема го разбирам како порив за брзо решение во неволја, но мошне е важно да се знае дека психолошкото советување или психотерапијата, понекогаш може да бидат долготраен процес кој бара труд и взаемна посветеност. Најкраток одговор на ова прашање е зависно од природата на проблемот и терапевтскиот правец. На пример, терапијата може да трае од една сесија до неколку месеци, па дури и со години. Сè зависи од тоа што сакате и што Ви треба. Некои луѓе доаѓаат на терапија со многу специфичен проблем или моментален дистрес предизвикан поради некој настан и може да откријат дека една или две сесии се доволни. Од друга страна пак на пример, за преживеана траума во детството или опсесивни мисли кои траат со години, може да се потребни неколку месеци или години. Должината на третманот исто така може да варира во зависност од видот на терапијата. На пример, когнитивно-бихевиорална терапија или советувањето за парови имаат тенденција да бидат краткорочни до среднорочни терапии (на пр. 10-15 сеанси), додека психоаналитички ориентирани терапии може да вклучуваат повеќе среднорочна и подолготрајна работа.

Ме пратија на психолошко тестирање, што е тоа?
Често, особено во клинички сетинг и при првата посета на психијатар или невролог, дел од протоколот по светски стандарди е тестирање кај психолог. Зависно од потенцијалната дијагноза, тоа може да биде психолошко тестирање кое се состои од тестови на способности и проценка на личност или невропсихолошко тестирање каде што типичен пример е деменцијата и евалуација на степенот на когнитивко опаѓање. Тоа е само иницијален процес од кој не треба да се плашите, а потоа специјалистот проценува дали ќе даде медикаментозна терапија или можеби само ќе ве препрати на советување кај психолог.

Не е неопходна дијагноза, за да се посети психолог
Доколку чувствувате потешкотии во секојдевното функционирање или пак само Ви е потребен разговор и базично психолошко советување, побарајте помош. Во модерното време постојат различни правци како гешталт, когнитивно- бихeјвиорална, семејна терапија итн кои од различен аспект може да помогнат зависно од Вашите потреби. Воедно, со оглед на кризата во која се наоѓаме постојат различни платформи како онлајн /видео советување, мобилни апликации за чет, како и посета во клинички сетинг. Секој може да побара помош од психолог и да работи на својот личен развој, тука сме за Вас.

автор: Јасмина Јонуз – магистер по советодавна психологија, когнитивно-бихејвиорален и шема терапевт под супервизија

Потенцијалот на младите во кризни периоди

Ако го гледаш ова видео претпоставувам дека спаѓаш во некоја група на млади возрасни, коишто не се толку млади за да не разбираат што се случува околу нив, а ни толку возрасни за да ги имаат решено сите важни животни прашања.

Овој период е многу важен за секој млад човек, и сам по себе прилично предизвикувачки и тогаш кога нема некои особени потешкотии или пречки. А сега дополнително се случува пандемијата, која што за вас се погоди да биде во овој период, и која ни го поремети вообичаениот тек на животот на сите. И, покрај опасноста од вирусот, стравот и загриженоста околу тоа, голем дел од вообичаените активности кои еден млад човек ги има ни се оневозможени. 

Генерално, работите што ги сакаме прават да се енергизираме за да тргнеме во акција и да ги направиме или земеме. А во случајов, како што кажав, многу од работите што вие младите ги сакате ви се забранети со рестриктивните мерки. И целата таа енергија што ја имате треба некако да ја блокирате или да ја пренасочите за да ја испочитувате забраната. Тука настанува една борба со сам себе, која што троши многу енергија и е идеална основа за појава на замор, депресивно расположение, намалена иницијативност, губење на интерес за многу работи што претходно ви биле интересни. 

Тука има и една друга работа што често се случува кај младите. Кога ова ви е ускратено разбирливо е еден дел од вас, мислам на дел од тебе како личност, да се чувствува обесправено, како ова да не е фер. И не е. Сигурно си имал и некоја идеја како ќе ти се одвива сегашноста и барем делумно иднината. И јас имав, сите имаа. 

И можеби си мислиш: „Да не беше ова сега ќе бев таму и таму, со тие и тие, ќе правев тоа и тоа…“ Ама чувството е како некој да дошол, или нешто, да го наречеме животот, и да ти зел нешто што било твое, и што ти следува. Не е фер, нели? И претпоставувам дека дел од тебе се лути и се бунтува, и сака да се врати назад тоа што било. „Тој што го зел, тој треба да го врати, а јас ќе чекам. “

Тие што се чувствувате во моментов така, сосема ве разбирам. 

Но имам една лоша вест за вас – тоа нема да се случи. 

На тој – животот, ама баш му е гајле ако јас или ти мислиме дека ова не е фер. Тој си ја гледа својата работа, си тече. 

Никој нема да дојде и да ти каже: „Еј навистина не е фер ова кон тебе, еве ти враќам тоа што ти земав, повели твоето минато, што добро си го познаваш, во коешто одлично се снаоѓаш.“

Па дури и да се случи такво чудо утре да го снема вирусот, пак нема работите да бидат исти како претходно. Многу работи се веќе сменети, многу животи се сменети, а секоја промена си носи со себе нови промени, така што овој процес на ланчано поврзани промени секако не може да се врати назад. 

Но имам и многу добра вест за вас, а тоа е дека сте млади и дека веројатно го имате најголемиот потенцијал што еден човек може да го има. А покрај тоа имате и безброј можности пред вас, а тоа е најубавата комбинација – многу можности и многу потенцијал, која што можам да кажам дека е „луксуз“ на младоста. И најубавото нешто во сето ова е што имаш избор! Ако мислиш дека немаш можности и немаш избор, тоа не е точно. Може само да не ги гледаш. Но ако погледнеш и побараш, верувај дека ќе најдеш многу.

И ако во тебе постои оној, да го наречам „пасивен“ дел што го опишав пред малку, постои и еден друг дел, спротивен на него. Еден дел што е мотивиран, што е полн со енергија, што презема иницијативи, што знае што сака, или бар знае дека сака нешто, и не се запира да тргне кон тоа. Сигурно го имаш, сите го имаме. Кај некој е поизразен кај некој помалку, но сите го имаме. Па сега би сакала да се обратам на тој дел од тебе, без разлика дали е малечок, стуткан, заспан, или активен и во акција. Пронајди го, и сакам да те прашам… 

Ако го земеме во предвид тоа што ти се случува во моментов, зборувам за некој временски период од сегашноста, да речеме од последната промена во твојот живот; и ако ги земеш во предвид, не работите што ти се случуваат, туку твојот одговор на нив – твојот пристап кон случувањата, твоите мисли, однесување, активност, твојот став кон нештата; и, хипотетички, ако замислиш дека тоа ќе продолжи да биде така, непроменето, во наредните 6 месеци…

Како ти се допаѓа таа идеја? 

Што мислиш дека ќе се случи ако 6 месеци продолжиш вака?

Што ќе се случи после 1 година? После 2? После 5? 

Што чувствуваш кога помислуваш на ова? Си мислиш: „Леле да, едвај чекам!“ или „Ауу не! Не го сакам ова.“?

Имаш избор.

Имаш право да избереш за себе, и имаш одговорност за својот избор. 

Ако не ти се допадна тоа што го замисли, имаш избор да не одиш во таа насока. Сега можеби си велиш: „Па добро, не ми се допаѓа ова на долг рок, ама сега ми е добро.“ Во ред. Само размисли како ќе знаеш кога е доволно. Што е тоа што ќе ти биде знак, или показател дека „до тука е добро, после веќе станува лошо.“? Каде ја ставаш границата? Како ќе знаеш дека си ја преминал и дека сакаш нешто да промениш? 

И неправењето ништо е избор. И пасивното чекање на подобри времиња е избор. 

Но избор е и да излезеш од конфорната зона.Тоа често изгледа како што вели поговорката: два чекори напред еден назад. Понекогаш се 5 чекори напред, 4 назад. И тоа е ок. 

Излези од конфор зоната и барај го она што го сакаш! Вложувај во себе! Ако немаш насока, барај насока! Ако немаш мотивација, побарај мотивација! Барај опции, исполни си го животот со искуства! Такви какви што ти се достапни во моментот. 

Изборот е твој. Времето е сега. 

Автор: Александра Панчевска – психолог, гешталт терапевт под супервизија

Да се биде присутен кога „сега и овде“ е непријатно

Сигурна сум дека секој од нас го има искусено она чувство на „летање со паметот“ и „исклучување“ од моменталната ситуација, кога за момент толку се насочуваме кон она што се случува во нашите мисли, што речиси и да не забележуваме воопшто што се случува околу нас. Ова е особено често кога нешто ни е досадно или правиме некоја активност по илјадити пат, за која веќе не ни е потребен свесен напор.

Нешто слично на ваквото „исклучување“ се случува и кога се наоѓаме во ситуација која ни е екстремно непријатна или неподнослива, како одбранбен механизам кој ни овозможува да ја издржиме т.е. преживееме таа ситуација. Ваков одбранбен механизам се активира и кога нашата емотивна реакција на одредена ситуација е премногу силна или преплавувачка, па незнаејќи дали ќе можеме да се справиме со сопствените емоции – се „исклучуваме“, односно на некој начин го прекинуваме контактот со нив преку потиснување, избегнување или обиди за „анестезирање“ на болката.

Користењето на овие одбранбени механизми е во ред, и понекогаш, барем на краток рок, придонесува кон чувство на олеснување. Впрочем, затоа и како луѓе имаме способност да ги користиме. Но важно е да се напомене дека со тоа што го потиснуваме, игнорираме, дефлектираме, анестезираме или негираме чувството – тоа не престанува да постои. Тоа е тука, надвор од свесноста такво какво што е, а на подолг рок често може да се манифестира на најразлични начини – тегоби, анксиозност, главоболки, иритабилност, емотивна напнатост… Поради тоа и оној совет: „Ај не се нервирај“ не функционира во 90% од случаите. 

Друг проблем настанува кога ваквото функционирање преминува во навика, па го користиме и тогаш кога реално не е толку потребно; и во ситуации кои не се баш неподносливи; и со емоции кои, иако се непријатни, би можеле да ги издржиме. А додека сме „исклучени“ од овие ситуации – ги пропуштаме и оние убавите. 

Да се биде „сега и овде“ значи да си дозволиме да го почувствуваме тоа што го чувствуваме, дури и ако е непријатно. Во ред е да се биде и тажен, и исплашен, и нерасположен, и лут во дадена ситуација. Ако е нешто надвор тажно, реакцијата е тага, ако е нешто весело реакцијата е радост. Всушност, секоја емоција има своја функција, а нејзиното изразување има свој тек. На пример, тагата го одмара организмот кога ќе искуси одредена загуба или драстична промена, стравот има заштитна функција, а лутината служи за организмот да се одбрани, да „уништи“ некоја пречка или да воспостави подобар контакт со другиот.

Ако ја доживееме емоцијата како таква и си дозволиме да ја изразиме, таа ќе помине. Или ќе не води кон некое дејство, некоја активност, а потоа ќе помине. Се додека се обидуваме да ја избегнеме, да ја потиснеме или да се бориме против неа („нема да бидам тажна сега“, „нема да се нервирам“), ниту емоцијата ќе исчезне, ниту причината за нјзиното јавување. На тој начин всушност, покрај тоа што ја блокираме енергијата што емоцијата природно ја носи, употребуваме уште толку енергија во спротивна насока за да ја потиснеме. Па оттаму доаѓа и чувство на умор и недостаток на енергија или пак напнатост, најчесто без свесност за причината за ова и за внатрешната борба со самиот себе

Свесноста и целосното доживување на сегашниот момент е корисно од неколку причини. Покрај тоа што тоа е прв чекор кон деблокираање на животната енергија и кон автентично себе-изразување, многу често напнатоста што ја чувствуваме не е резултат на она што вистински се случува сега и овде. Па така, кога личноста реагира на некои мисли и застрашувачки сценарија кои самата ги создава, а кои можеби и не се реални и никогаш нема да се случат, свесноста за сега и овде овозможува еден вид на „проверка на реалноста“, враќање кон себе, центрирање и приземјување, кое често делува смирувачки. 

Но, и во случаи кога реалната ситуација е вистински непријатна и болна, насочувањето на вниманието кон сензациите и чувствувањето на болката како болка, без заглавување во дополнителни мисли околу тоа, претставува помало страдање отколку кога на болката и` се додаваат мисли кои не придонесуваат кон решавање на проблемот.

Постојат повеќе начини и техники за појачување на контактот со сегашниот момент. Еден од нив е преку техниките на „мајндфулнес”, односно свесно насочување на вниманието кон дишењето, телесните сензации и стимулусите кои доаѓаат од околината. 

Автор:

Александра Панчевска – психолог, гешталт терапевт под супервизија