Добро е познато дека интровертите не преферираат премногу социјални контакти и уживаат кога поминуваат време сами. Па така, во време кога социјалното дистанцирање е потребно и неопходно, дел од нив и не мораат да сменат речиси ништо во својот животен стил, или пак наоѓаат сатисфакција во ваквиот „нов“ начин на функционирање. Од друга страна пак, екстровертите, кои имаат почесто потреба од контакти со други луѓе, доживуваат сериозен недостаток на ова поле.
Но, ајде да видиме што точно значи да се биде интроверт или екстроверт. Кога Јунг за прв пат ја направл оваа поделба, тоа го опишал како два типови на личности кои имаат заеднички карактеристики. Тоа не значи дека тоа се ригидни категории кои немаат никаква поврзаност една со друга. Всушност, еден важен аспект од оваа теорија е тоа што кај секоја личност постои и интровертен и екстровертен дел. Кај поголемиот дел од луѓето едниот од овие поларитети е доминантен, односно имаат природна и вродена тенденција кон таков начин на функционирање. Оттаму и поделбата на интроверти и екстроверти. Но, на секој нас му се потребни и двата аспекти за да функционира избалансирано. Секој од нас понекогаш се однесува екстровертно а понекогаш интровертно. Всушност, луѓето искусуваат психолошки потешкотии доколку се „заглават“ само во едниот поларитет, т.е. начин на функционирање, или доколку се однесуваат спротивно на својата природа.
Од времето на Јунг овие концепти се многу дикутирани и популаризирани, што поттикнува понатамошни истражувања на човековата природа, како и љубопитност кај луѓето за да се спознаат себе си. Но од друга страна, се појавија и многу митови и помалку точни концепции околу нив, кои веројатно произлегуваат од погрешни или нецелосни информации. Дел од тие општо познати митови се мислењето дека интровертите се срамежливи, повлечени и несигурни, а дека екстровертите се покомпетентни во социјани интеракции или дека не можат да бидат сами. Додека овие карактеристики можеби се преклопуваат во некои случаи, вакво генерализирање не е оправдано ниту научно поддржано.
Вистината е дека секое однесување и манифестирање на одредена карактеристика е условено како од личноста, така и од срединските фактори. Па така, како што секој човек реагира различно на дадена ситуација, секој има потреба од различни услови за да ги искористи максимално своите потенцијали. Интровертите вообичаено прво ги собираат информациите кои доаѓаат од околината, ги анализираат и го формираат своето мислење, па потоа го искажуваат својот став. Поради овој начин на функционирање, тие често имаат потреба да ги ограничат дразбите кои доаѓаат од надвор и им треба време за да го осмислат и структуррираат она што имаат да го кажат. Следствено на тоа, тие се полнат со енергија и се попродуктивни кога работат самостојно или кога разговараат со една личност на некоја подлабока тема. Спротивно на нив, екстровертите поуспешно ги разгледуваат проблемите/пашањата додека се во интеракција со некој друг. Тие размислуваат додека зборуваат, најчесто се првите кои се вклучуваат во групна дискусија и имаат потреба од почести/постојани контакти со други луѓе.

Во време на изолација, кога сме повикани да останеме дома и да ги ограничиме социјалните контакти, на некој начин интровертите се наоѓаат на свој терен. Предноста е во тоа што тие помалку го чувствуваат осамувањето како наметнато, чувствуваат помал притисок за социјализирање во група и полесно им е да си создадат услови и да пронајдат активности соодветни на нивниот темперамент. На екстровертите пак, во поголема мера им недостигаат социјални интеракции и „гужви“, па покрај нелагодноста од тој недостиг, поголема е и веројатноста да се чувствуваат принудени да прават нешто што не е нивен избор. Ова може да создаде фрустрација, како и внатрешен конфликт помеѓу: „сакам да се дружам во група“ и „сакам да се однесувам совесно и да се заштитам“. Самото справување со ваквата ситуација бара многу енергија – енергија која истовремено не може да се искористи за нешто друго. Сепак, ова може да биде и можност за екстровертите да го извадат на површина и истражат својот интровертен дел – да ја откријат убавината на самувањето, на времето поминато тивко, бавно, посветено на себе или на некое свое старо-ново хоби. Со откривањето и повторното идентификувње со некој „подзаборавен“ дел од себе се реактивира и потенцијал кој можеби бил „подзаборавен“, привремено занемарен или потиснат.
Во секој случај, ваквата принудна изолација е нова и непријатна ситуација за сите, особено кога е продолжена и кога не е извесно уште колку време ќе трае. Притоа, нормално е да се јават и стравови, со оглед на тоа што многу човечки потреби се загрозени – почнувајќи од потребата за безбедност, сигурност, потребата за припадност, социјални контакти и блискост, па и обезбедување егзистенција. Добрата вест во сето ова е дека човекот има неверојатни природни капацитети за адаптација и справување со вакви потешкотии. Сега е време да го активираме својот креативен потенцијал за конструктивно справување со оваа новонастаната ситуација. Еден начин е пронаоѓање на алтернативни начини за задоволување на нашите потреби.
Ограничувањето на личните контакти со цел да се намали можноста за ширење на вирусот во никој случај не значи дека и релациите треба да се стават на пауза. Социјалното дистанцирање е всушност физичко дистанцирање, не е затвор и забрана за конекција. Ние имаме среќа да живееме во ера на информациски технологии кои овозможувават брза размена на информации и лесна и брза комуникација. Ваквата комуникација секако не може да го замени личниот контакт човек со човек, очи со очи, кожа со кожа. Сепак, сметам дека во ова време е прифатлива алтернатива на целосна изолација од една страна или ризик по здравјето од друга. Покрај тоа, постојат и многу „офлајн“ активности кои сеуште можеме да ги правиме надвор од интернет просторот, сами или со најблиските. Останува на секој од нас да ги пронајде оние кои се во согласност со неговата природа, желби и потреби. Во услови кога дел од ресурсите и изборите ни се ограничени, корисно е фокусот да го насочиме кон она што ни е достапно, кон она што можеме да го правиме и што е во рамки на наша контрола. Притоа, важно е да не заборавиме дека ова не е трајна состојба, туку привремено решение на поголем проблем.
А кога овој проблем ќе заврши и опасноста ќе помине, верувам дека сите ќе се видиме на журка – и екстровертите и интровертите. За интровертите веројатно тоа ќе биде доволно за следните шест месеци 🙂
До тогаш, чувајте се, поврзувајте се и останете со здравје!
Автор:
Александра Панчевска – лиценциран психолог, гешталт терапевт под супервизија